АД ЕСМ информира дека е завршено поставувањето на новите топловодни цевки под мостот „Беласица“ и дека топловодот набргу ќе биде пуштен во функција за испорака на топлинска енергија.

-За помалку од два месеца, АД ЕСМ и ЕСМ Дистрибуција на топлина успешно го завршија поставувањето на новите цевки на топловодот под мостот „Беласица“. Со ова, топловодот ќе биде ставен во функција во најкус можен рок, обезбедувајќи стабилна и сигурна испорака на топлинска енергија за тековната грејна сезона, соопшти АД ЕСМ.

Во завршната фаза, како што наведува, новоизградениот топловод ќе се поврзе со постојниот систем за дистрибуција на топлинска енергија, а за време на поврзувањето и ставањето во функција, можно е привремено прилагодување на квалитетот на испораката во попладневните часови за мал дел од корисниците.

-Новите раководства на ЕСМ Дистрибуција на топлина и АД ЕСМ брзо и ефикасно ги надминаа сите предизвици, преземајќи ургентни мерки и плански активности за надминување на пречките што го забавија зафатот. Реализацијата на оваа активност е уште една потврда за решителноста и посветеноста на новите раководства на компаниите кон унапредување на енергетската инфраструктура и обезбедување стабилна и сигурна услуга за сите потрошувачи, информира АД ЕСМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2024 02:42