Градскиот женски младински хор „Менада“ под диригенство на Ивица Зориќ вчера одржа концерт во Тетово и на тој начин придонесе во активностите за одбележување на Денот на ослободување на Тетово од фашистичката окупација и 80 годишниот јубилеј „Непокорот е слобода-80 години Слободно Тетово“. Во концертната сала на Музеј на тетовски крај (Дом АРМ) беа изведени десетина композиции од различни автори, концертот беше насловен „Хорската музика низ вековите“.
-Во предвечерито на ослободувањето на нашиот град ние даваме наш скромен придонес во одбележувањето на овој мошне значаен јубилеј 80 години. Ме радува што во публиката гледам дел од првите хористки од пред 47 години во хорот Лале и пред 43 години во хорот Менада. Од некои од хористките, сега нивните деца се дел од хорот Менада. Тоа ми причинува огромно задоволство, а се радувам што ја исполнивме и обврската кон нашиот сакан град, што пеевме разни композиции, со различен карактер од различни земји, со желба да донесеме она што се пее во светот, истакна диригентот Ивица Зориќ.
Вечер од 19 часот е централната свеченост во чест на Денот на ослободувањето на Тетово.