Доколку СAД и дозволат на Украина да користи оружје од американско производство за напади на руска територија, тоа ќе доведе до зголемување на тензиите и продлабочување на вмешаноста на САД во конфликтот меѓу Русија и Украина, соопшти денеска Кремљ.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков истакна дека рускиот претседател Владимир Путин претходно јавно го кажал својот став за потенцијалната дозвола на САД за употреба на ракети, односно дека употребата на такво оружје значи директно учество на земјите од НАТО во конфликтот во Украина, пренесува руска новинска агенција.

Песков посочи дека наводите за дозволата од САД се уште не се официјално потврдени. Тој оцени дека администрацијата на американскиот претседател има намера да продолжи да предизвикува тензии во Украина.

„Знаете, сè уште има извештаи во западните медиуми, но јасно е дека администрацијата во заминување во Вашингтон има намера да преземе чекори за да продолжи да долева масло на огнот и да предизвика дополнителна ескалација на тензиите во врска со овој конфликт“, рече Песков.

Според „Њујорк Тајмс“ и извештаите на агенциите и други медиуми, администрацијата на претседателот во заминување Џозеф Бајден вчера и одобрила на Украина да користи крстосувачки ракети со долг дострел ATAЦMС за напади длабоко во руска територија.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/11/2024 15:27