Шведска денеска почна да испраќа околу пет милиони памфлети до своите граѓани во кои ги повикува да се подготват за можноста за војна, додека соседна Финска отвори нов онлајн портал за да се подготви за разни кризи.

Шведска и Финска се откажаа од децениското воено неврзување за да се приклучат на воената алијанса НАТО по почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.

Од почетокот на војната, Стокхолм постојано ги повикува Швеѓаните психолошки и логистички да се подготват за можноста за војна, наведувајќи ја сериозната безбедносна ситуација во околината на земјата.

Брошурата „Ако има криза или војна“, испратена од Шведската агенција за цивилни итни случаи (МСБ), содржи информации за тоа како да се подготвите за вонредни ситуации како што се војна, природни катастрофи или кибер напади. Станува збор за нова верзија на памфлет што Шведска го има издадено пет пати по Втората светска војна.

-Безбедносната ситуација е сериозна и сите ние мораме да ја зајакнеме нашата отпорност за да се соочиме со разни кризи и на крајот војна, рече директорот на МСБ, Микаел Фризел во изјавата.

Документот од 32 страници со едноставни илустрации ги опишува заканите со кои се соочува оваа нордиска земја, вклучувајќи воени конфликти, природни катастрофи и кибер и терористички напади. Вклучува совети за подготвеност, како што се складирање на вода и нерасиплива храна. МСБ изјави дека новата верзија за 2024 година имала поголем фокус на подготовките за војна.

Во следните две недели, 5,2 милиони примероци од брошурата ќе бидат испратени до шведските домаќинства.

Брошурата е достапна во печатена форма на шведски и англиски јазик, а дигиталните верзии се достапни на неколку други јазици, вклучувајќи арапски, фарси, украински, полски, сомалиски и фински.

Поранешниот шеф на шведската армија Микаел Бајден во јануари ги предупреди своите сонародници да размислат колку се подготвени за можноста за војна.

-Швеѓаните мора психички да се подготват за војна, рече тој.

Владата на Финска, која дели 1.340 километри граница со Русија, денеска отвори онлајн портал кој собира информации за подготвеноста за различни кризи.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/11/2024 16:49