Постпанк-составот „Сајкаделик трипс ту дет“ (Psychedelic Trips Тo Death) од Солун ќе настапи во „Котур“ во Скопје, во среда, 20 ноември, 21 часот. Организацијата е на „Канал 103“.
„Со беспрекорна напнатост, од метрономските пулсации на воведните тактови, преку заканувачките вокали до цврстите бас линии, тие создаваат френетични и параноични звучни пејзажи кои влегуваат под кожата. Подгответе се за патување низ тежок дисторзиран звук, синтови и дебел слој реверб и фидбек. Саундтрак за распаѓањето на светот со стробоскоп на крајот од тунелот“, соопшти организаторот.
Грчкиот состав себеси се опишува како „енергичен постпанк - ноиз“ бенд. Основан е во 2010 година и важи за еден од предводниците на солунската алтернативна сцена. Нивниот мрачен и дистописки звук вградува елементи на жанровите психоделичен рок, индастријал и експериментална електроника.
Како локална поддршка ќе настапи групата „Вил дискас“ (Will Discuss) од Скопје. Се работи за отворен колаборативен проект на Тодор Караколев (електроника, вокал) и Кристијан Савиќ (гитара) кои продуцираат „психоделична музика за танц“. Нивниот дебиалбум излегува наскоро во издание на „Канал 103“.
Влезниците чинат 200 денари (во претпродажба) и 300 денари на врата. Тие се достапни во „Котур“ и во ограничен број.