Околу 1.500 луѓе загинаа за време на протестите со кои беше соборена бангладешката премиерка Шеих Хасина претходно оваа година, а околу 3.500 луѓе беа насилно киднапирани за време на нејзиното 15-годишно владеење, соопшти Мухамед Јунус, кој ја предводи привремената влада на земјата.

Пресметките на економистот и добитник на Нобеловата награда за мир, кој се очекува да организира избори, покажуваат повисоки бројки од претходните официјални бројки, според кои во студентските протести загинале околу 1.000 луѓе.

Протестите, кои почнаа во јули како движење предводено од студенти против системот на квоти при назначувањата во јавниот сектор, ескалираа во најсмртоносните немири откако Бангладеш стана независна земја во 1971 година, принудувајќи ја Хасина да побегне во соседна Индија.

- Секој ден се додаваат нови имиња на списокот на маченици, рече Јунус во обраќањето до нацијата по повод 100 дена од доаѓањето на власт на преодната влада. Тој вети дека ќе ги гони одговорните за насилството и ќе донесе правда за жртвите на, како што рече, „гневот на авторитарниот режим“.

Јунус рече дека комисијата што ги истражува исчезнувањата пронашла информации за 1.600 случаи до октомври, но дека вкупниот број може да достигне повеќе од 3.500 луѓе.

Тој потврди дека неговата влада има намера да бара екстрадиција на Хасина од Индија.

- Ќе ги гониме сите злосторства извршени во последните 15 години, рече Јунус, додавајќи дека владата прави напори одговорните за исчезнувањата и убиствата да ги изведе пред меѓународните правосудни институции.

Тој додаде дека откако ќе се спроведат изборните реформи, ќе биде претставена патоказот за следните парламентарни избори во земјата со 170 милиони жители.

Политичките партии, вклучително и Националната партија на Бангладеш, предводена од поранешниот премиер Халеда Зија, сакаат преодната влада да излезе со јасен план за наскоро одржување парламентарни избори.

Во септември врховниот командант на армијата генерал Вакер уз Заман, кој одби да ја поддржи Хасина за време на протестите, изјави дека демократијата во земјата треба да се врати за една година до година и половина, но повика на трпение.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/11/2024 22:58