Два одвоени случаја за измами за пари биле пријавени вчера во СВР Битола, а пријава за ваков вид измама вчера имало и во ОВР Прилеп. Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, 60-годишна жена од Битола вчера во 13.45 часот во СВР Битола пријавилa дека била измамена од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, пред околу четири месеци на Фејсбук стапила во контакт со лицето кое се претставило дека е со македонско потекло, дека е вработен во армијата на САД, во моментот на мисија во Сирија, и дека сака да ја прекине мисијата.
-Како што е пријавено, лицето ја известило дека мора да уплати 10.000 евра доколку сака да ја прекине мисијата и побарало од неа да ги пушти парите на лице во Турција преку брз трансфер на пари, затоа што додека бил на мисија немал пристап до неговата банкарска сметка, наведува МВР во дневниот билтен.
Во СВР Битола вчера во 15 часот, 36-годишен битолчанец пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од околу 1.000.000 денари.
Според пријавеното, од 3 септември 2024 до пријавувањето, тој комуницирал со лицето преку различни телефонски броеви, при што бил упатуван во повеќе наврати да внесува парични средства во неговиот виртуелен паричник.
-Притоа во наведениот период преку една платформа внел околу 1.000.000 денари, кои веќе ги немало на неговата сметка, информира МВР.
Во ОВР Прилеп, пак, вчера во 12 часот, две лица од Прилеп на возраст од 39 и 31 година пријавиле дека во август и септември 2024 година биле измамени од едно лице.
-Според пријавеното, преку вибер контактирале со лицето за посредување за работа во Сојузна Република Германија и притоа во повеќе наврати уплатиле пари на сметка на лице од Скопје. Како што е пријавено, до пријавувањето не добиле работна виза, а од пред една недела лицето престанало да комуницира со нив, по што сфатиле дека се измамени, наведува МВР.
Министертството за внатрешни работи соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случаите по пријавите на измамените граѓани.