Од Стејт департментот синоќа изјавија дека политиката на САД во однос на користењето американско оружје од страна на Украина за напади во руска територија не е променета, и дека Вашингтон дозволува „адаптација и корекција“ на оваа политика доколку „тоа е соодветно“. -Не поседувам никакви нови информации за оваа политика. Како што знаете, уште пред Русија да ја започне својата сеопфатна инвазија, САД формираа коалиција од над 50 земји за да ѝ помогнат на Украина и да ја повикаат Русија на одговорност за нејзините дејствија. Јасно ставивме до знаење дека ќе ги адаптираме и коригираме потенцијалите што ѝ ги обезбедуваме на Украина кога тоа е соодветно, и видовте дека тоа го потврдуваме со нашите дејствија во изминатите неколку години, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер на прашањето каква е политиката на САД во однос на употребата на американските ракетени системи АТАКМС од страна на Украина против цели на територијата на Русија. Милер исто така ги истакна дејствијата на Москва кои можат да доведат до ескалација на конфликтот. -Ако зборуваме за ескалација на овој конфликт, се гледа дека токму Русија постојано ескалира. Вклучувајќи ги неодамнешните дејствија со руската мобилизација на над 11 илјади севернокорејски војници, кои сега се на првата борбена линија во Курската област и учествуваат во борбите против украинската армија. Ова е сериозна ескалација од страна на Русија – да се вклучи војска од Азија во конфликт во Европа, изјави тој. -Како што веќе истакна државниот секретар (Блинкен), нашиот одговор на ова ќе биде решителен, и реакцијата на сојузниците на Украина… треба да биде подеднакво решителна. Ние ќе продолжиме да преземаме мерки за да ја повикаме Русија на одговорност за нејзините дејствија, вклучувајќи ги и оние што го ескалираат конфликтот, како и Северна Кореја за нејзините ескалациски постапки, нагласи Милер. Претставникот на Стејт департментот одби да ја потврди веродостојноста на информациите дека Франција и Велика Британија, во договор со САД, решиле да ѝ дозволат на Украина да користи далекусежно оружје за напади врз територијата на Русија, вклучувајќи ги ракетите Storm Shadow. -Не сум подготвен да ги потврдам овие информации во име на САД, нема да зборувам во име на други земји, рече Милер.