Безбедносната ситуација во Србија е стабилна, но оптоварена со бројни надворешни и внатрешни предизвици, изјави министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ по денешната седница на Советот за национална безбедност со која претседаваше претседателот Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Дачиќ рече дека на седницата се разговарало за геополитичките предизвици со кои се соочува Србија, како и за безбедносната состојба во регионот.

„Ситуацијата во светот, и покрај тоа што е нестабилна, сè повеќе води кон тоа дека треба да се подготвиме за секакви случувања на ситуацијата. Тоа значи дека треба да обезбедиме доволно резерви и капацитети за да може Србија да да опстанеме во смисла на функционирање на животот, но и да водиме успешна надворешна политика која ќе ни овозможи да не трпиме последици од конфликти на геополитички план, рече Дачиќ.

Тој рече и дека на седницата се разговарало и за безбедносната состојба на Косово, која, според Националниот совет за безбедност, е оптоварена со екстремистичката политика на властите во Приштина со цел да ги протераат Србите од таа област.

Говорејќи за последните протести во Србија, Дачиќ рече дека Уставот и законите дозволуваат мирни јавни собири, но дека нема да се толерира нарушување на јавниот ред и мир и загрозување на функционирањето на државните институции, особено напади врз полицијата.

-Ова нема врска со политички ставови, туку со насилство, ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави за секој кој ќе употреби насилство, ќе уништи државен и општествен имот и ќе ги загрози животите на полицијата, односно функционерите. Државата ќе биде посилна од сите предизвици, додаде Дачиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска по седницата на Советот за национална безбедност изјави дека Владата ќе направи се за да ја зачува безбедноста на граѓаните на Србија во сложени геополитички околности.

-Со членовите на Советот за национална безбедност разменив информации за безбедносната состојба во Србија, а разговаравме и за актуелните настани, како кај нас така и во светот. Во овие сложени и не лесни геополитички превирања ќе дадеме се од себе да ја зачуваме безбедноста и сигурноста на нашите граѓани и нашата Србија, напиша Вучиќ на социјалната мрежа Инстаграм



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2024 02:39