Гугл треба да го раздели својот бизнис за компанијата да не функционира како монополист кој ја потиснува конкуренцијата преку својот пребарувач, бараат американските регулатори.
Во 23-страничен документ приложен до судот синоќа, Министерството за правда на САД инсистира Гугл да го продаде пребарувачот Chrome и да ги симне ограничувањата во својот оперативен систем Android за паметни телефони за во него да можат да работат пребарувачи од други компании.
Препораките ја демонстрираат принципиелната позиција на администрацијата на претседателот Џо Бајден по одлуката на окружниот судија Амит Мехта во август да го прогласи Гугл за монопол.
Новата администрација која ќе дојде на власт по инаугурацијата на избраниот претседател Доналд Трамп, се очекува да заземе помека позиција, сметаат набљудувачите.
Сослушувања во судот во Вашингтон за мерки против Гугл се закажани за во април, а конечната одлука судијата Мехта планира да ја донесе на почетокот на септември 2025 година. Доколку судот се согласи со предлозите на Министерството за правда, Гугл речиси сигурно ќе ја обжали оваа одлука, што може дополнително да го продолжи судскиот процес, кој трае повеќе од четири години.
Покрај продажбата на Chrome и ограничувањата за Android, регулаторите, исто така, предлагаат компанијата да биде обврзана податоците од пребарувањата на корисниците да ги споделува со конкурентите, за тие да имаат шанси да се справат со доминантната позиција на Гугл.
-Однесувањето на Гугл доведе до нерамноправни услови за водење бизнис, а неговиот квалитет е резултат на незаконски стекнати предности, се наведува во препораките на Министерството за правда.
Се додава дека „преземените мерки треба да го елиминираат овој дисбаланс и да го лишат Гугл од овие предности“.
Трамп претходно изрази загриженост дека поделбата на компанијата може да го уништи Гугл, но не прецизираше алтернативни мерки за казна на компанијата.
-Не е нужно да се подели компанијата за да биде пофер, изјави тој во октомври.
Поранешниот конгресмен Мет Гец, кој од Трамп е предложен на функцијата главен обвинител на САД, ги поддржуваше идеите за разделба на бизнисот на големите технолошки корпорации. Сепак, тој се соочува со предизвици да биде потврден на оваа позиција.