Музичкиот ансамбл при македонскиот културен центар „Македонско сонце“ од Дизелдорф настапи на приемот организиран од градоначалникот д-р Стефан Келер и претседателот на Советот за интеграции Гоце Пероски.
Како што информираат од центарот, во рамките на приемот настап имала и виолинистката Христина Ташкоска со фрагмент од операта „Гоце“ од Кирил Македонски, а потоа во квартет со Лазе Димовски, Леони Шмиц и Нина Димовска исполниле сплет на најпознатите македонски песни со вокал, хармоника и виолина.
Оваа година се навршуваат 70 години од изведбата на првата македонска опера „Гоце“ компонирана од Кирил Македонски (1925-1984) која за првпат е изведена на македонскиот народен театар во Скопје во 1954 година под диригентска палка на Тодор Скаловски.
Редовниот годишен прием се организира секоја година и на него присуствуваат високи гости од јавниот и политичкиот живот како и претставници на дипломатскиот кор во Дизелдорф.