Претставникот на Европската Унија во Грузија Павел Херчински изјави дека одлуката на Тбилиси да ги запре преговорите за приближувањето кон ЕУ до 2028 година не ја претставува волјата на мнозинството граѓани.
-Она што вчера се случи е во спротивност со политиката на претходните грузиски влади и со желбите на големото мнозинство граѓани, рече Херчински.
Грузиското Министерство за внатрешни работи соопшти дека се уапсени 43 лица на голем протест против одлуката на владата. Според министерството, 32 полицајци биле повредени за време на судирите со илјадници проевропски демонстранти.
Протестите избија по најавата на владејачката партија „Грузиски сон“ дека ќе ги запре на четири години преговорите за пристапување во ЕУ поради наводна „уцена“ од Брисел. Односите меѓу Грузија и ЕУ се влошени, откако Брисел обвини дека Тбилиси спроведува проруски и авторитарни политики.
Околу 80 отсто од граѓаните на Грузија ја поддржуваат интеграцијата во ЕУ, што е и уставно загарантирана цел на земјата.