Францускиот претседател Емануел Макрон, во писмо испратено до властите во Сенегал, по првпат го нарече „масакр“ настанот од 1944 година, кога француската армија стрелаше кон западноафрикански војници во близина на Дакар, главниот град на Сенегал.

Во пресрет на 80-годишнината од убиствата, кои се случиле за време на Втората светска војна во рибарското село Тиароа, Макрон изрази почит и повика на откривање на целосната вистина за овој болен настан. На 1 декември 1944 година, француските војници убиле меѓу 35 и 400 невооружени западноафрикански војници, припадници на „Сенегалските стрелци“ – единица од колонијалната пешадија на француската армија.

Според историчарите, до трагедијата дошло поради несогласувања околу неисплатени плати. Во писмото, Макрон повикува Франција да ги утврди причините и фактите за трагедијата, потенцирајќи дека тие барања биле легитимни.

Сенегалскиот претседател Басиру Диомаје Фаје го поздрави писмото, изразувајќи надеж дека овој чекор ќе отвори пат за целосно и искрено соочување со минатото.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2024 03:56