Архиепископот на Тирана, Драч и цела Албанија г.г. Анастас испрати писмо со сочувство за упокојувањето на високопреосвештениот митрополит Тимотеј, до архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
-Блаженејши брате, со длабока тага ја примивме веста за преминувањето кон Господа на нашиот сакан брат, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски, господин Тимотеј, кој со љубов, мудрост и смирение му служеше на народот што му беше доверен од Господа. Изразувајќи го нашето длабоко и искрено сочувство, молиме Господ Исус Христос, Воскреснатиот од мртвите, да ја успокои неговата душа „на место светло, на место блажено, на место мирно. Секогаш со братска љубов во Него, наведува г.г. Анастас.
Г.г. Анастас, кој е по потекло од Грција, е поглавар на Албанската православна афтокефална црква (ААПЦ) по нејзината обнова по падот на комунистичкиот режим, период во кој беше забрането верското изразување. Тој пред повеќе од една деценија беше гостин на МПЦ-ОА и заедно со поглаварот г.г. Стефан и сега упокоениот г. Тимотеј ги посетија и Бигорскиот манастир и манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица.