Раководството на Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС-УКИМ) во соработка со Комисијата за студентски стандард и Студентскиот совет на станари реализираа прва средба со новата в.д. директорка на државниот студентски дом Пелагонија Адриана Даци и раководството на домот за решавање на клучните проблемите во студентскиот дом.
На средбата, како што информира Универзитетското студентско собрание на УКИМ, беше презентиран акциски план за итни подобрувања, изработен од Советот на станари и УСС-УКИМ.
- Го поздравуваме конечното решавање на проблемот со назначување на директор и поставувањето на в.д. директор од редовите на вработените во домот, наспроти последната досегашна пракса, каде беа бирани лица кои со недели не се појавувале на работа. Во овие две недели, санирана е хидрофорната пумпа со што е обезбедена топла вода за студентите, се санираат дефектите со лифтовите и се очекува во текот на овој месец да бидат функционални два, а од јануари трите лифта во домот, во завршна постапка е набавката на доволна количина на месни производи и ќе биде отпочната постапка за решавање на проблемот со интернетот во домот, стои во соопштението.
Барањата се претставени во акцискиот план и соодветна евалуација ќе биде извршувана од страна на Советот на станари и Комисијата за студентски стандард при УСС-УКИМ.