Европската дипломатска служба се соочува со недостиг на средства, иако обврските и задачите постојано се зголемуваат, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, пред Комисијата за буџетска контрола на Европскиот парламент.

Калас истакна дека ќе се залага ниту една мисија на ЕУ низ светот да не биде затворена. - Светот има потреба од повеќе, а не од помалку Европа, рече таа.

Калас предупреди дека некои мисии не ги исполнуваат стандардите за безбедност, што претставува ризик за европските службеници, додавајќи дека тоа е неприфатливо.

Таа објасни дека цените во 2023 година пораснале за околу 20 отсто, додека буџетот за мисии е намален за 40 проценти, а средствата за службениците се зголемени само за два процента. ЕУ има 145 делегации во над 130 земји, со вкупно 5300 вработени.

„И покрај недостигот во буџетот од 34 милиони евра за следната година, ќе продолжиме со строги мерки за штедење и ќе работам за да се осигурам дека ниту една дипломатска мисија нема да биде затворена“, додаде Калас.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/12/2024 03:49