Две лица го загубија животот, девет се повредени, а три се водат како исчезнати во експлозијата што се случи денеска во рафинеријата на енергетската компанија „Ени“ во местото Каленцано, во близина на Фиренца, соопшти гувернерот на Тоскана, Еугенио Џани.

Тој додаде дека пожарот во рафинеријата е изгаснат, пренесува италијанската новинска агенција АНСА.

Противпожарните, медицинските и полициските служби се на терен, блискиот автопат е затворен, додека железничкиот сообраќај е во прекин, пренесува „Кориере Фјорентино“.

Болницата „Кареџи“ во Фиренца активираше протокол за ситуации во кои се очекува голем прилив на повредени лица.

Експлозијата се случила во делот на рафинеријата каде цистерните се полнат со гориво, но тие не биле зафатени од пламен.

„Истрагата е во тек. Апелираме до населението да не се приближува до погодената област“, ​​објави општина Каленцано на социјалните мрежи.

Експлозијата поради високиот интензитет се почувствувала и на околните места, а искршени се стаклата на околните згради, додека покривите на неколку куќи се урнале.

Во тек е истрагата за причините за експлозијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2024 23:01