В сабота цело Скопје ќе остане без вода. Од ЈП “Водовод и канализација” информираат дека неопходно е да биде исклучена главната водоводна цевка поради санација на 4 дефекти меѓу кои и оној на улицата Никола Парапунов во Карпош 4 од каде веќе две недели тече вода по улицата. Главниот затворач се наоѓа во кругот на касарната Ѓорче Петров.

-Затварање на вода на главниот градски вод Ф1600мм се прави еднаш на педесет години, а последно такво затварање било 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец. За решавање на дефект од овој тип се изготви оперативен план со кој поефикасно и побрзо ќе се санира истиот, соопштија од “Водовод и канализација” и додаваат дека со овој зафат ќе се намали загубата на вода на потегот од Ѓорче до Карпош и ќе се трајноста на водоводната мрежа, а притисокот ќе се подобрел.

Од јавното претпријатие информираат дека затворањето на вода во главниот градски цевковод е планирано да отпочне од 21.12, а вода ќе нема се до завршување на интервенцијата без да прецизираат колку часа и дали водата ќе биде исклучена уште на полноќ петок кон сабота. При тоа повикуваат на трпение и разбирање од страна на граѓаните кои пак на нивната ФБ страна бараат поконкретни информации од кога до кога ќе нема вода.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/12/2024 00:16