Граѓаните на Охрид и околината се загрижени заради негативните ефекти предизвикани од дивите депонии во градот и неговата околина. Тоа го покажуваат резултатите од јавното истражување што во текот на месецот што изминува го спроведоа активистите на Групацијата еколошки здруженија „Збогум Буково“, креирана со цел решавање на проблемот со третманот и одлагањето на комуналниот отпад во охридскиот регион, како и затворање на неуредената и нестандардната депонија „Буково“.

Според резултатите од анкетата, дури 95 отсто од испитаниците изразиле голема загриженост од негативните ефекти на неправилното и неселективното третирање и депонирање на комуналаниот отпад во регионот.

Како главни причини за несоодветниот третман на отпадот, половината од анкетираните сметаат дека тоа е недоволна јавна едуцираност, додека преостанатите ценат дека причина е отсуството соодветна инфраструктура, од посебни корпи за отпад до центри за селектирање.

На прашањето „Кои типови на поддршка би ве поттикнале да учествувате повеќе во сортирање отпад или рециклирање?“, охриѓани како примарни ги издвојуваат финансиската поддршка односно поврат на средства, обезбедена инфраструктура, образовни кампањи за подигање на свеста, се до зајакнување на казнената политика.

Анкетата посочува дека дури 97 отсто од граѓаните декларирале силна подготвеност за промена на секојдневните навики, односно примарна селекција и намалување на отпадот, во насока на намалување на отпадот којшто завршува во депониите.

Граѓаните на Охрид се едногласни за потребата за построга регулација и засилена казнена политика во управувањето со отпадот и рециклирањето.

Од Групацијата „Збогум Буково“ посочуваат дека ќе продолжат со активности во интерес на граѓаните и континуиран притисок врз надлежните органи за побрзо решавање на проблемот со отпадот кој со години го загрозува охридскиот регион



Автор: Администратор
Објавено на: 25/12/2024 13:46