По повод двата најголеми христијански празници, Рождество Христово-Божиќ и Христовото воскресение - Велигден, Свештената бигорска Обител, секоја година се обраќа до јавноста и повикува на солидарност, милостивост и автентично прославување на празниците.

За таа цел и сега апелира до сите правни субјекти, односно до сите трговци и сопственици на маркети и на големопродажни објекти, да се вклучат конструктивно и сеопфатно во иницијативите за намалување и непоскапување на цените на производите, со што „милосрдно и општествено одговорно ќе се пристапи кон посиромашните категории и ќе се овозможи и тие да ги почувствуваат празничните денови во радост, заедништво и барем помала безгрижност“.

-Намалувањето на цените на основните производи од потрошувачката кошница е древна, но и современа практика насекаде во светот, но за жал, не и во македонското општество. Трендот на поскапување на цените во пресрет на големите христијански празници, го наследивме од претходниот атеистички општествен систем, кога верата била ставена на маргините од општеството. Пред овој, лишен од вистинско човекољубие режим, нашите предци постојано се грижеле за сиромашните, трудејќи се на секаков начин да им го олеснат бремето на животот, помагајќи им достоинствено да си ги прослават празниците, со што и автентично ја сведочеле верата, која според апостолот, е непостоечка без добри дела, стои во апелот на Свештената бигорска Обител.

Се посочува дека имајќи предвид дека ваквите апели може да повлијаат на економските придобивки на трговците, сепак, сметаме дека многу важна компонента на празникот Божиќ е засилување на добродетелноста на давањето од своето и од себе, и затоа на оваа доблест гледаме како на жртва, чиј најсовршен облик го имаме во Христовите личност и дела.

-Дополнително, ја изразуваме нашата поддршка и за иницијативите на претседателот на Владата, Христијан Мицковски, кој преку јавните гласила директно им се обрати на трговците, барајќи оваа кампања да се сфати како општествена кауза - прекупотребна за нашето сенародно единство, која се темели врз добродетелните вредности на верата и врз моралот, како вредносен општествен систем, се нагласува во апелот на Бигорскиот манастир.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/12/2024 13:48