Менаџерот на Вест Хем, Хулен Лопетеги изјави дека неговата екипа не се плаши од Ливерпул.
„Чеканите“ се домаќини на лидерите во Премиер лигата во недела во пресметката од 19. коло.
-Дали треба да се плашам? Не, нема страв. Имаме многу почит за секој тим и тоа важи и за Саутемптон и Ливерпул на ист начин, изјави шефот на Вест Хем на прес-конференцијата пред натпреварот.
На „Боксинг деј“, „чеканите“ го победија Саутемптон со 1-0, но дадоа дури пет жртви на натпреварот. Повредени се Лукаш Фабијански, Макс Килман и Карлос Солер, додека играчите од средниот ред Томаш Соучек и Гвидо Родригез добија жолти картони и се суспендирани на по еден натпревар.
Добрата вест за Лопетеги е враќањето на плејмејкерот Лукас Пакета по суспензијата.
-Ливерпул е најдобриот тим во Премиер лигата. Имаат врвни играчи, многу добар тренер и тие се на врвот на бранот во моментов, но мораме да веруваме во сопствените сили и можности. Ќе мора да донесеме некои одлуки за претстојниот натпревар, но ние сме среќни што можеме да играме дома, додаде Лопетеги.