Манастирот „Свети Јован Крстител“ попознат како Бигорски манастир, традиционално ги објави десетте најзначајни настани во 2024 година, наведувајќи дека „работејќи смирено над нивата Господова, со трпение, вера и молитва, ја испраќаме минатата година со повеќе значајни настани – сведоци на еден добар подвиг, залагање и посветеност, со цел духовно возрастување на Црквата Божја“.
Се додава дека опфатени се настани, од свештени богослуженија до значајни културни собири и се нагласува дека „секој настан беше празник на духовноста и на заедништвото, сведок на нашата заедничка мисија и соработка во љубовта Христова“.
1. Величествен Божикен и новогодишен мјузикл одржан во Кичево на 15 јануари 2024 лето Господово
Во светлата и серадосна ноќ, голем број љубители на културната и духовна традиција се собраа во Центарот за култура „Кочо Рацин“, во Кичево каде што втора година по ред, во организација на хорот „Митрополит Козма Пречистански“, се одржува Божикниот и новогодишен концерт. Членовите на истакнатиот кичевски хор, како и музичарите од составот „Мерак Чалгии“, заедно со уште многумина млади музичари од насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, повторно успеаја да ни ја пренесат длабоката празнична смисла која извира од православната традиција. Трогнат од љубовта и воодушевен од целиот настан, Старецот Епископ г. Партениј, топло им се заблагодари на сите учесници и ни упати светли христијански пораки и поуки за Новото Лето Господово, наведуваат од манастирот.
2. Како посебно значаен настан е оној од 30 март, кога во манастирот на славниот Победоносец во село Рајчица, пристигна верна изобразба од познатиот молдавски чудотворен образ на Светиот Георгиј Победоносец, кој се чува во Зографскиот светогорски манастир. Нејзиното пристигање трајно го запечати и Богородичниот атонски благослов за Рајчица, но и за целата држава, бидејќи претходно таа беше осветена на Света Гора, во двата манастира на Великиот Победоносец, Ксенофонт и Зограф.
3. Промоција на книгата: „Само љубов шириш, Христе“
Во атмосфера на непосредна радост и чисти пасхални восклици, изразени низ детска насмевка и задоволство, во текот на почетокот на јуни беше промоцијата на Велигденската збирка песни за деца, насловена како: „Само љубов шириш, Христе“. Станува збор за збирка велигденски творби, којашто децата од Дебар, Река, Маврово, но и пошироко, ја составија за своите најдобри пријатели – децата.
4. Документарниот филм за Бигорски доби престижна награда
Документарниот филм за Бигорски „1000 години – Сведок на Светлината“, во режија на нашиот драг пријател и соработник Илија Ико Каров, освои награда за најдобра музика на интернационалниот филмски фестивал „History“, кој оваа година се одржа во градот Аспарн, Австрија. „Најголемата заслуга за ова признание е кон македонскиот композитор Горан Трајковски, кого го препознаваме под уметничкото име Готра.
5. Значаен настан кого го издвојуваат од Бигорскиот манастир е Светата Литургија во Долнодримколскиот манастир на Свети Архангел Гавриил.
-Древниот Долнодримколски манастир, по желбата и молитвите на нашиот почитуван архипастир, Митрополитот г. Тимотеј, нашите монашки заедници, на чело со возљубениот ни Старец, епископот г. Партениј, со особена љубов и жртва се посветија за негово заживување. Имено, на 26 јули по цели осумдесет години запустеност, манастирот на Светиот Архангел Гавриил во Долни Дримкол заживеа со Света и Божествена Литургија, на која чиноначалствуваше нашиот Преосветениот Антаниски, посочуваат од Бигорски.
6. Празникот на Сечесното Успение во Имврос
Со благослов на нашиот возљубен Високопреосвештен Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, нашиот почитуван Старец, Епископ г. Партениј, заедно со дел од братството и сестринството, неколку дена беа на егејскиот остров Имврос, денешен Gökçeada, Република Турција, за со неизмерна радост и молитвена преданост да учествуваат во прославата на сечесното Успение на Пресветата Владичица наша Богородица. Среде овој осветен остров, каде што милоста и благодатта на Мајката Божја ги прегрнуваат сите присутни, Старецот и нашата монашка заедница ги воздигнуваат своите молитви кон милостивата Мајка за заштита и духовно укрепување на целиот наш народ и на сиот род христијански.
7. Тројца нови монаси во прегратките на Христовата љубов
Во навечерието на празникот Усекновение на Чесниот Претеча и Крстител Јован, на Вечерната богослужба, нашиот драг монахољубив пименарх, Високопреосвештениот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, со своите татковски пастирски раце го изврши свештениот чин на монашки постриг на нашите браќа: Јајка Силккола од Куопио, Финска, Деан Божинов од Радовиш и Оливер Марковски од Куманово, кои доброволно го понесоа на себе крстот на самозаборав заради Христа и ги положија пред земската и небесната Црква вечните завети за доброволно послушание, нестекнување и целомудрие, добивајќи ги новите монашки имиња: Елисеј, Пантелејмон и Евстатиј, соодветно.
8. Манастирот Пречиста се украси со уште една Христова монахиња
Во атмосфера на свештен трепет и на длабоко духовно ликување, на 20 септември во Свештената Обител Пречиста Кичевска, на вечерната богослужба се одвиваше еден од највеличествените моменти во животот на нашата монашка заедница – монашењето на нашата сестра Душица Будиноска од Струга, која го доби својот нов монашки идентитет пред Бога и пред луѓето, понесувајќи го достоинствено името на Светата рамноапостолна Христова првомаченица Текла.
9. Во десетте најзначајни настани посебно место зазема и прва трибина во Дебар за семејството како основа на соживот и општествени вредности, која се одржа во рамки на проектот за поддршка на соживотот во регионот, чијшто носител е Здружението за заштита и негување на културните вредности „Рајчица“. Овој значаен мултикултурен и мултирелигиски проект се одржа по идеја и со благослов на епископот Антаниски г. Партениј, а беше одобрен и поддржан од страна на Општина Дебар.
10. Последното испраќање на дедо Тимотеј
Народот Божји со голема тага поради привремената разделба и со силна надеж за повторно соединување во вечноста, се прости од еден од своите црковни пастири, митрополитот Дебарско-Кичевски Тимотеј. Неговото чесно тело беше погребано зад јужната апсида од олтарот на свештениот храм на Светите Климент Охридски и Пантелејмон Чудотворец на Плаошник, каде што ќе почива покрај нашиот голем рамноапостолен Светија. Погребението беше сведоштво за животот на човек кој својата епархија и Црквата ја облагороди со долгогодишна посветеност, градителство и пастирска грижа.
Од Бигорскиот манастир со радост и љубов, го честитаат Новото 2025 господово лето, со молитви за благословена година, исполнета со духовен раст, љубов и радост во Христа Господа.