Земјоделци од 14 горнополошки села денеска протестираа пред седиштето на АД „Водостопанство на РСМ“ во Гостивар, заради градежните интервенции на каналот за наводнување, со што, како што велат, се намалува количината на вода за наводнување.

Од АД „Водостопанство“ во Гостивар, одговорноста ја префрлија на локалната самоуправа која во септември, делот на каналот кој минува низ населбата „шеста зона“ го преуредува во улица, а протокот на вода го насочува низ цевковод.

Живко Јовановски, земјоделец од селото Теново, во име на собраните земјоделци ја појасни состојбата и проблемите со кои се соочуваат земјоделците кои обработуваат околу 3.600 хектари земјиште. Тој смета дека со покривањето на каналот драстично се намалува капацитетот на проток на вода од 4,1 м3 во секунда на еден кубен метар. Јовановски тврди целиот зафат е изведен без да се почитуваат законите и дека по пријавите, овластен градежен инспектор на општина Гостивар на 17.10. 2024 година донел и решение за стопирање на градбата.

- Бараме под итно надлежните органи и институции да преземат мерки, да го вратат каналот за наводнување во првобитна состојба. Да не се доведеме во ситуација ние напатени земјоделци кои сме вложувале и сè уште вложуваме, со вакви девијантни потези и однесувања на поединци и институции да ни се кратат правото на живот и егзистенција за нас земјоделците и нашите семејства и поколенија. Вака, нашите земјоделски површини ќе останат без неа вода и нема да има род, рече Јовановски.

Од гостиварската подружница на АД „Водостопанство на РСМ“ велат дека ги презеле сите законски мерки и реагирале кога почнале градежните активности. Пред новинарите, покажаа и документи со кои барале да се стопираат додека не се обезбедат сите потребни согласности. Побарале и од дирекцијата во Скопје, но како што вели раководителката на подружницата Јулијана Николиќ, работите продолжиле и врз каналот сега има асфалт.

- Откако увидовме за каков зафат се работи и последиците кои произлегуваат ние ги информиравме нашите корисници дека може да се случи да не добиваат доволно вода за наводнување, па дури и да ја нема. Ние на општината им понудивме соработка, тие зафати да се изведат стручно и со помош на нашите експерти, но не добивме одговор ниту пак имаше желба за соработка, вели Николиќ.

Таа потврди дека во минатото имало забелешки на локалните жители покрај чии куќи минува, но како што кажа, досега не биле во можност да го реконструираат. Николиќ посочи дека каналот се злоупотребувал и често се користи за фрлање отпад, па дури и за влевање на отпадни води, токму од локалните жители.

Од општина Гостивар за барањата од протестот и за целиот случај излегоа со соопштение. Во него ги наведуваат причините за преземање на мерки, кои биле насочени пред сè кон обезбедување на поголема сигурност на граѓаните во населбата „шеста зона“.

- За овој повеќегодишен проблем, општината постојано поднесуваше барања за негово надминување. Заради ненавремената реакција од надлежните, се потрудивме како локална власт да им излеземе во пресрет на нашите граѓани и барем да го ублажиме овој проблем. Со оваа вложување, во рамките на проектот за канализација, изнајдовме соодветно решение за каналот што минува низ населено место. Таквиот пристап наиде на одобрување од страна на граѓаните додека траеа градежните работи на терен, стои во соопштението од службата за информирање на општина Гостивар.

Со овој проект, посочуваат од локалната самоуправа, нема повеќе да се влеваат отпадни води од околните куќи во каналот, туку сега тие се пренасочени кон канализацискиот систем. Со покривањето на каналот опасноста од трагедии се намалува, иако сме биле сведоци кога деца се давеле во водата.

- Ја уверуваме јавноста дека протокот на водата низ каналот не е прекинат, туку поставен е систем на цевки низ која тече и се спроведува. На овој начин само придонесовме за зголемена безбедност на жителите, велат од општина Гостивар.

Општинската власт смета дека мотивите за протестот имаат заднина и апелира овој случај да не се злоупотребува за дневни политички цели и лични интереси, да не шират дезинформации и да не се манипулираат земјоделците.

Кон крајот на септември минатата година, општината преуреди и покри околу триста метри од отворениот канал и притоа прошири улицата која почнува од населбата Малеарди и ја поврзува со населбата „шеста зона“

Каналот кој носи вода од реката Вардар и Шарпланинските водотеци е наменет за наводнување на нивите во Горни Полог (од Гостивар до селото Жеровјане) Тој е изграден во 1964 година, последната негова реконструкција била во 1984 година има значително влијание во наводнувањето на нивите во овој дел од земјава.

Земјоделците побараа од надлежните институции да преземат мерки и за најмногу 20 дена да бидат известени, за да како што рекоа на протестот не бидат се доведени во неповолна ситуација во време на подготовка на земјоделските површини.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2025 17:03