Италијанскиот стручњак Доменико Тедеско повеќе не е селектор на белгиската фудбалска репрезентација, соопшти денеска Белгиската фудбалска федерација (ФСБ).
„Репрезентацијата го затвора поглавјето со Доменико Тедеско. Ти благодариме, Доменико, за твојата посветеност и страст во последните две години. Ти посакуваме се најдобро во иднина“, се вели во соопштението на ФСБ.
Тедеско ја презеде Белгија во 2023 година, но не ги постигна очекуваните резултати. Белгија беше елиминирана од Франција во осминафиналето на Европското првенство минатото лето, а во Лигата на нации „А“ завршија на третото место во групата 2 зад Италија и Франција, а во март се соочуваат со бараж за опстанок против Украина.
ФСБ не прецизираше кога ќе биде назначен нов селектор, кој освен што ќе остане во Лигата на нации „А“, ќе има задача и да ја води репрезентацијата на Светското првенство во 2026 година.
Белгија ќе игра во групата „Ј“ против Велс, Македонија, Казахстан и Лихтенштајн во квалификациите и е апсолутен фаворит за освојување на првото место, кое води директно на Светското првенство во САД, Канада и Мексико.