Бивш аналитичар вработен во Централната разузнавачка агенција (ЦИА) пред федерален суд во Вирџинија се изјасни за виновен околу обвиненија за протекување доверливи информации поврзани со плановите на Израел да го нападне Иран.

Асиф Вилијам Рахман (34) од Виена, сојузна држава Вирџинија, бил уапсен лани во Камбоџа и подоцна транспортиран на Гуам. Тој се соочува со максимална казна од 10 години затвор по секое од двете обвиненија: поседување и пренос на доверливи информации поврзани со националната одбрана.

Рахман, дипломец на универзитетот „Јејл“, работел во разузнавачката агенција од 2016 година и имал пристап до строго доверливи информации.

Според обвинителите Рахман незаконски преземал и печател доверливи документи на работа, ги носел дома каде што ги фалсификувал за да се скрие изворот на информациите, а потоа ги споделувал.

По кратко време доверливите документи станале достапни на социјалната мрежа Телеграм.

-Доверливите документи се појавиле на социјалната мрежа на 17 октомври, во периодот кога Техеран се подготвуваше за возвратен удар на Израел. Две недели пред истекувањето на информациите, Иран истрела околу 200 балистички ракети врз израелската територија, а како одговор на убиствата на лидерите на Хамас и Хезболах, соопшти синоќа „Вашингтон пост“.

Во соопштението на Министерството за правда се наведува дека од пролетта до ноември лани Рахман споделувал „строго доверливи информации“ што ги дознал на работа со „голем број лица за кои знаел дека немаат право да ги добијат“.

Изрекувањето на пресудата за Рахман е закажано на 15 мај.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/01/2025 06:18