Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола сака Фил Фоден да го следи примерот на Ерлинг Халанд и целата своја кариера да им ја посвети на „граѓаните“, пишуваат медиумите во Британија.
Минатата недела Халанд потпиша нов договор на девет и пол години кој ќе го задржи во клубот до 2034 година.
Норвешкиот напаѓач го прослави новиот договор со гол во победата од 6-0 над Ипсвич во неделата, додека Фоден постигна два гола.
Англискиот репрезентативец беше клучен за неодамнешното мини-оживување на Сити, откако постигна пет гола во последните три натпревари во Премиер лигата. Неговиот актуелен договор е до 2027 година, но Гвардиола е категоричен дека тој „не смее да замине“.
-Тој може да биде играч кој ќе остане во само еден клуб и ќе ја заврши кариерата тука, играјќи многу, многу години - на негова возраст и со бројот на голови и асистенции, бројот на натпревари и неговата работна етика. Неговиот најголем квалитет е дека околу шеснаесетникот ги чувствува головите во крвта, во умот. Разговаравме многу пати во последните месец дена или неколку недели. Тој беше сосема поинакво момче на почетокот на сезоната со неколку проблеми, бидејќи и играчите се луѓе и понекогаш во долга кариера имате падови, тоа е нормално. Но, навистина сме задоволни што тој повторно е среќен и ужива во играта, а тоа е добро за сите нас, истакна Гвардиола.