Единаесет лица се повредени, од кои едно потешко, во судир на траект „Овелгон“ и конвој баржи што превезувале товар во пристаништето Хамбург, јавија денеска германските медиуми.

Несреќата се случила утринава на Нордерелбе кај Келбранд, кога фериботот „Овелгон“ се судрил со баржи околу 6.40 часот, јави Ndr.de.

Ударот бил толку силен што страната на траектот била делумно напукната, во судирот се повредени 11 лица, а еден од патниците се здобил со повреди на главата опасни по живот.

По несреќата, траектот се упатил кон пристаништето каде што пожарникарите донеле на брегот околу 25 лица кои се наоѓале на фериботот, вклучувајќи патници и членови на екипажот.

Амбулантите возила ги пренеле повредените во блиските болници.

Од судирот траектот бил сериозно оштетен, но немало истекување на дизел или други опасни материи.

Полицијата за инциденти во вода, како и специјалната истражна група за бродски несреќи истражуваат како точно дошло до несреќата.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2025 04:41