Британската влада денеска го отфрли обидот на унионистите во Северна Ирска да го активираат механизмот по Брегзит познат како „кочница на Стормонт“, кој се обидуваше да ја запре примената на некои правила на ЕУ на нивната територија.

Активирањето на овој механизам ќе му овозможи на Собранието на Северна Ирска, кое донесува закони во Северна Ирска, да се спротивстави на новите правила на ЕУ.

Пратениците унионисти во регионалното собрание во Белфаст, кои сакаат Северна Ирска да остане во Обединетото Кралство, минатиот месец сакаа првпат да го активираат овој механизам за да ја спречат примената на правилата на ЕУ за пакување и етикетирање на хемикалии.

Северна Ирска остана дел од единствениот пазар на ЕУ кога остатокот од Обединетото Кралство ја напушти Унијата. Водачот на Демократската унионистичка партија (ДУП) Гевин Робинсон рече дека одлуката на Велика Британија да го одбие активирањето на механизмот е сериозна грешка и дека Лондон треба да почне да се залага за Северна Ирска „наместо да се поклонува на диктатите на ЕУ“.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2025 05:11