Новиот американски претседател Доналд Трамп ја врати извршната наредба што му дозволува да воведе економски санкции против Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, отворајќи го патот на САД да воведат санкции против судскиот орган и на вработените да им наметнат драконски мерки.

Во серијата извршни наредби издадени вчера вечерта, Трамп ја обнови наредбата од неговиот претходен мандат со која се користат овластувањата за итни случаи за да се создаде режим на санкции насочен кон судот.

Во 2020 година, беше наметнато замрзнување на имотот и забрана за патување против поранешниот главен обвинител на МКС, Фату Бенсуда и еден од нејзините највисоки функционери.

Таа наредба беше укината следната година во април од тогашниот американски претседател Џозеф Бајден.

Наредбата е вратена во време кога МКС очекува серија агресивни санкции како одговор на налозите за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант под обвинение за воени злосторства, пишува британски Гардијан.

Весникот вчера објави дека судот се подготвува за најлошото сценарио во кое САД воведуваат санкции врз институцијата, со мерки насочени кон високи личности, вклучително и судии и сегашниот главен обвинител Карим Кан



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2025 05:05