Одделението за култура надлежно за спомен-обележјата на подрачјето на Општина Охрид, изготви дигитална мапа со спомениците и спомен-обележјата во општината.
Како што појаснуваат од Општина Охрид, во рамки на проектот „Дигитализација на споменици и спомен-обележја“ изминатите три месеци е направен увид на 20 спомен-обележја во општината, истите се дигитално мапирани со текстуален опис што ги содржи општите информации и карактеристики за споменичните целини, како и фотографии од моменталната состојба.
-Со изработка на оваа дигитална мапа ќе се допринесе и во тековното надоградување на Регистарот на спомен обележја во Општина Охрид, посочуваат од Општина Охрид.
Дигиталната мапа содржи четири посебни слоеви, односно спомен обележјата се поделени на четири категории и тоа Споменици на природата, Христијански споменици, Споменици на лица од 19-20 век и Спомен-куќи и спомен-плочи.
-Оваа фаза се однесува на спомен-обележјата во централно градско подрачје, а во понатамошните фази е предвидена и дигитализација на сите споменични целини на територија на град Охрид со цел создавање на дигитална мапа на сите споменици и спомен-обележја која ќе биде објавена и поставена на охридската веб-страница, потенцираат од Општина Охрид.
Проектот по фази го реализира охриѓанецот Иван Малезанов. а