Годинашново издание на Струмичкиот карневал ќе се одржи од 26 февруари до 5 март. Организациониот одбор ја објави програмата, а карневалот ќе почне со свечено предавање на клучот од градот од градоначалникот на карневалистите.
Веднаш потоа се закажани изложби по повод 35 години од обновената форма на Струмичкиот карневал и на маски од Средното училиште „Димитар Влахов“ од Струмица. Наредниот ден е резервиран за двата концерти под маски на Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, како и за објавување на резултатите од темата за проза и поезија за карневалот во организација на Библиотеката „Благој Мучето“.
Во петок, на 28 февруари, треба да се одржи традиционалниот маскенбал, на кој се избираат принц и принцеза на Карневалот, кои заедно со кралската свита ќе ја предводат Интернационалната карневалска поворка на главната карневалска вечер ( 1 март 18:30 ч.).
Празникот Прочка (2 март, недела) е резервиран за Детскиот карневал, на кој најмладите ќе продефилираат во маските на нивните омилени јунаци од филмовите и бајките.
На Чист Понеделник (3 март) карневалските празнувања продолжуваат со варење и консумирање на традицоналниот бел грав, а ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер. Во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе биде отворена и традиционалната изложба на карикатури и афоризми и ќе бидат доделени наградите на најуспешните.
Претпоследниот ден е резервиран за Карневалско корзо и доделување на наградите од Интернационалната карневалска вечер.
Карневалот завршува на 5 март со организирање Тримерски ручек и настап на Распеани струмичани, како и враќање на клучот од градот на градоначалникот од страна на карневалистите