Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, одговарајќи на пратеничко прашање во Парламентот, претпладнево увери дека доколку од судството биде доставено официјално барање за вмешаност на политичко лице за железничката несреќа кај Темпи, „тогаш ниту владиното мнозинство, ниту Нова демократија нема да не ја олеснат работата на судството“, јави дописничката на МИА од Атина.
Маринакис, како што коментираат медиумите во Грција, со оваа изјава ја остави отворена можноста и ја изрази подготвеноста на Владата за предистражна комисија во Парламентот, доколку постои соодветно барање.
- Работата на правдата ќе биде олеснета за кое било барање што ќе биде доставено, но само ако е од судството, посочи Маринакис.
Лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис коментираше дека тие лани предложиле формирање предистражна комисија врз основа извештајот на Европското обвинителство, но добиле негативен одговор.
Железничката несреќа кај Темпи пред речиси две години во која животот го загубија 57 лица и понатаму е главна тема во Грција, по масовните протести што во неделата се одржаа во сите грчки градови.
Во следниот период, на барање на опозициската СИРИЗА, ќе се одржи расправа во Парламентот за несреќата, а паралелно на крајот од февруари се очекува извештајот на експертите од Националниот технички универзитет во Атина во однос на експлозијата што се случи веднаш по судирот на патничкиот и товарниот воз.