Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави денеска дека Европската унија наскоро би можела да се најде изолирана на политичката сцена доколку нејзините „либерални лидери“ продолжат да го „попречуваат“ успехот на мировните преговори за ставање крај на војната во Украина.
„Ако европските либерални лидери продолжат со својот провоен политички пристап, ако продолжат да го блокираат и попречуваат успехот на мировните преговори, тогаш Брисел наскоро би можел да се најде изолиран на светската политичка сцена“, рече Сијарто по разговорите со потпретседателот на италијанската Влада, Матео Салвини во Рим.
Како што е соопштено од унгарското Министерство за надворешни работи, Сијарто посочи дека „правилно би било европските либерални лидери конечно да изберат мир наместо да се обидуваат да ја убедат Украина да продолжи да води војна“.
Сијарто истакна дека потегот на американскиот претседател Доналд Трамп за директни преговори со Русија значи дека можноста за посредување во мирот во Украина е „поблиску од кога било досега“.
„Мислам дека фактот што рускиот претседател (Владимир Путин) не рече „не“ на предлогот за прекин на огнот и фактот дека се чини дека постои заедничка намера за трајно мирно решение, пружаат огромна шанса мирот да се врати во Украина, а со тоа и во Централна Европа“, рече Сијарто