Да се променат и унапредат законите и подзаконските акти за да се овозможи што е можно повеќе луѓе да се приклучат на системот на алтернативна грижа и да станат згрижувачи, беше кажано на завршниот настан за проектот „Унапредување на системските недостатоци – поддршка на реформите на системот за заштита на деца“, во организација на СОС Детско село Северна Македонија. Овој проект освен во земјава се спроведуваше и во Украина, Албанија, Белорусија и Ерменија.
Директорот за развој на програми на СОС Детско село, Марио Јанчев во изјава за медиумите соопшти дека проектот има цел да го поддржи процесот на деинституционализација на системот на социјална заштита во насока на градење на општество и систем, кој ќе одговори во најдобар интерес на децата.
-Работевме на повеќе нивоа, но фокусот го ставаме на системските промени. Да промениме и да ја унапредиме регулативата како што се законите, подзаконските акти, затоа што тие ги поставуваат стандардите, нормативите за да може една социјална услуга адекватно да одговори на потребите на корисниците на системот на социјална заштита. Паралелно на тоа да ја подигнеме јавната свесност, да мотивираме што е можно повеќе луѓе да се приклучат на системот на алтернативна грижа и да станат згрижувачи затоа што имаме сериозна потреба од тоа, рече Јанчев.
Потенцира дека мора да се размислува на превенцијата, а превенцијата, како што рече, ја гледаат во ставањето фокус на работа кон биолошките семејства, таму каде што децата природно и се развиваат, да ги поддржат тие да станат ефективни поддржувачи и да ја понудат квалитетната грижа за да можат да превенираат заминување на децата во систем на алтернативна грижа. Посочи дека самото заминување на дете во алтернативна грижа значи забавување на развојот, раскинување на сите врски кои децата ги имаат во биолошката средина, а последица на тоа е децата да не ги постигнуваат соодветно развојните цели.
-Кога зборуваме за систем на алтернативни згрижувања повеќе мислиме на згрижувачките семејства затоа што целта на целиот процес на деинституционализација значи затворање или трансформација на големите институции за алтернативна грижа и јакнење на згрижувачките семејства кои можат да понудат алтернативна грижа, која е најблиску до биолошкото семејство. За да се поддржи едно дете во згрижувачко семејство не е доволно само да се обучат згрижувачките семејства, туку побитно е да се изградат компетенциите кај стручните работници во центрите за социјална работа, кај стручните работници, воспитувачите во малите групни домови, да се зајакне соработката помеѓу соработката помеѓу давателите на социјални услуги. Но, исто така да се овозможи одржливи социјални услуги кои можат да ги поддржат сите клучни аспекти, кои се битни за да може да се поддржи соодветно развојот на едно дете во системот на алтернативна грижа, рече Јанчев.
Јулијана Гапо, национална директорка на СОС Детско село Северна Македонија истакна дека располагаат со две советувалишта за позитивно родителство, услуга наменета за биолошки родители и семејства каде постојат ризици децата да бидат сместени во алтернативни форми на грижа. Потенцира дека само паралелно работејќи на превенција ќе се дојде до ниво кога нема сите ресурси да се насочуваат на зголемување на бројот на згрижувачи и на прашањето каде да се сместат децата, туку фокусот ќе биде на тоа што е најдобро за децата. А тоа, додаде таа, е да останат во своите биолошки семејства и да ги зајакнат оние на кои веќе децата им се сместени со цел тие деца да се вратат дома.
Според Гапо, значајна компонента од проектот е дека локалната соработка со општинските власти била многу позитивна и научиле дека локалните заедници побрзо ги препознаваат и реагираат на потребите на своите граѓани. Следен чекор, како што истакна, е децентрализацијата за да може услугите да стигнат поблиску до своите корисници. Апелира до Министерство за социјална политика, демографија и млади да ги земе предвид нивните иницијативи и да донесе флексибилни решенија за професионализација, првенствено на згрижувањето посебно во поглед на специјализирано интервентно згрижување, како и да ги зајакнат услугите за превенција со цел да се намалат барањата за прием на деца во алтернативна грижа.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани ја нагласи посветеноста на Министерството во унапредување на системот на социјална заштита, со цел секое дете да расте во средина исполнета со љубов, сигурност и почит.
-Горди сме дека во нашата земја, изминатите пет години ниту едно дете без родителска грижа под 18 години не е сместено во резиденцијална институција. Денес, над 80 проценти од овие деца се во згрижувачки семејства, а останатите во мали групни домови. Регионалната димензија на проектот покажа дека, размената на искуства меѓу институции и професионалци од различни земји, нуди уникатна можност да учиме едни од други, рече Лимани.
Министерот го истакна значењето на партнерството меѓу Министерството и граѓанскиот сектор во решавањето на клучните предизвици: зајакнување на социјалните услуги за превенција и поддршка на семејствата во ризик; подобрување на статусот на згрижувачите и квалитетот на нивната поддршка; унапредување на реинтеграцијата на децата со биолошките семејства и зајакнување на капацитетите на стручните служби за поддршка на деца со комплексни потреби. Тој нагласи дека тие имаат обврска да изградат систем на социјална заштита што ќе обезбеди среќно детство и развој за сите деца, бидејќи, како што рече, сите деца се наши и како такви треба да се третираат. А на директорката на СОС Детското село и рече дека како Министерство се отворени за сите проекти кои ќе придонесат за општеството и државата. И порача таа директно да се обрати до министерот за, како што рече, да им излеземе во пресрет на сите што кај нас гледаат шанса за подобар живот.
Раководителот за јавност и култура од Амбасадата на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Кевин Маас посочи дека начинот на којшто едно општество се грижи за своите најслаби членови ја покажува неговата сила.
-Во последните четири години, регионалниот проект на СОС Детско село придонесе за зајакнување на грижата за децата во Северна Македонија, користејќи пристап прилагоден кон потребите на децата, на одржлив и на начин што ја поттикнува соработката. Тоа ги подобри животите на децата без родителска грижа и ја постави основата за континуиран развој на поефективен и поодржлив систем за заштита на децата во Северна Македонија, истакна Маас.
Настанот го отвори 23-годишната Марија Самарџиска, поранешна корисничка во СОС Детско село Македонија и учесник во проектот како кообучувач на проектот. Самарџиска, која е на чекор до одбрана на магистерски труд во областа на јавно право, дипломиран правник и адвокатски приправник, говореше од нејзиното лично искуство како дете израснато во СОС Детското село. Таа нагласи дека на почетокот имала големи предрасуди за оваа тема, но, како што рече, со текот на времето стекнала знаење благодарение на кое тие предрасуди исчезнале.
-Свесна сум дека оваа тема за траума можеби не е популарна меѓу нас, не е доволно разработена, но мораме да сфатиме дека таа е особено важна за мене, за вас, за сите деца и за целото општество. Тоа што го паметам во моментот кога ми заѕвони телефонот, од другата страна беше добро познат глас кој накратко ми ги објасни идејата, целите на проектот, завршувајќи со клучното прашање, дали сакам да учествувам. Без двоумење веднаш кажав „да“, но нема да излажам тоа што беше пресудно во тој момент беше тоа што сега стекнав можност јас да преминам од улога на учесник во кообучувач. Конечно јас младо лице кое поминала низ разни предизвици низ животот, добив шанса да мотивирам други лица да пренесувам знаења и на вас возрасните да можам да ви ја доловам нашата гледна точка за тоа како ние децата ја перципираме реалноста и со кои предизвици ние се соочуваме. Вежбите на обуките ни покажаа дека без разлика на нашите обврски и возраста, секој пат треба да го негуваме детето во себе. Методите, дрвото на животот, линијата на животот, ми помогнаа да ги сфатам моите пораки, да ги увидам моите успеси, растења, падови и да сфатам дека секој пад е лекција. Грижата не смее да биде механичка, бидејќи, ние децата добро чувствуваме дека кој од вас се грижи со љубов, а кој тоа го прави поради обврска и поради плата, рече Самарџиска.