Министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска го посетија основното училиште „Партенија Зографски“, каде се започнати активности за поставување на фотоволтаичен систем, како дел од проект за подобрување на енергетската ефикасност и поставување фовотолтаици на сите училишни објекти во рамки на општината.

Ѓорѓиевски: посочи дека од денеска практично се започнува со поставување фотоволтаици на сите основни училишта на територија на општина Кисела Вода, посочувајќи дека тоа е проект за којшто аплицирале со сите основни училишта, а како Општина учествувале во најголем дел во кофинансирањето.

-Со инсталирање на овие фотоволтаични панели и централи практично на крововите на училиштата, нашите очекувања се, а и физибилити студијата покажува, дека сметките драстично ќе се намалат. Тие средства што во минатото се трошеле за плаќање електрична енергија, ќе се искористат во наредниот период за да се унапредат условите значително во сите училишта на нашите простори, изјави Ѓорѓиевски:.

Министерката Јаневска рече дека проектот е значаен бидејќи значајно е да се води грижа за енергетската ефикасност, за заштита на животната околина, но, секако и поради многу други фактори, како што, на пример, е заштеда на средства од буџетот.

- Како министер за образование и наука потпишав грант од над милион евра за енергетска ефикасност на повеќе од педесетина училишта ширум државата, додаде Јаневска.

На настанот беше кажано дека со поставувањето фотоволтаични системи во училиштата и тоа, конкретно, на секое училиште ќе се постави он-грид фотонапонски систем до 20 киловати на час, се прави огромен чекор кон заштеда на енергија, намалување на финансиските трошоци и зачувување на животната средина.

Преку користење на обновливи извори на енергија, училиштата стануваат енергетски понезависни, што значи дека значителен дел од средствата што досега се трошеа за електрична енергија, ќе можат да се пренасочат во подобрување на наставните услови и образовниот процес.

Вредноста на овој капитален проект изнесува над 11 милиони денари. Се изведува преку финансиско партнерство со Бирото за регионален развој и Центарот за развој на Скопски плански регион, преку Програмата за развој на планските региони.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2025 15:07