Во чест на Светскиот ден на театарот 27 март, Општина Центар организираше завршен настан од проектот „Театарот, уметност на емоции“, на кој беа прогласени победниците од натпреварот за најдобра ученичка театарска претстава.
Како што информираат од Општината, градоначалникот Горан Герасимовски ги доделил признанијата и паричните награди на трите најдобри училишта, кои со својата посветеност и креативност го воодушевија жирито и учениците.
-Првото место го освои ООУ „Киро Глигоров“ со претставата „Убавицата и ѕверот“, која доби највисоки 169 поени. Второто место му припадна на ООУ „Гоце Делчев“ за претставата „Девојчето и куклата што патува“ од Франц Кафка, со 168 поени, додека пак третото место го освои ООУ „Кочо Рацин“ со претставата „Времеплов“ авторско дело на наставниците од истото училиште, која собра 163 поени. Најдобрите училишта освоија и финансиски награди: 30.000 денари за првото место, 20.000 денари за второто место и 10.000 денари за третото место, велат од Општина Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски, кој го проследил настапот на учениците, истакнал дека театарската уметност има големо значење за развојот на учениците и нивната способност за комуникација, креативно размислување и тимска работа.
-Преку театарот децата учат да изразуваат емоции, да градат критичко размислување и да комуницираат на подлабоко ниво. Горди сме што преку овој проект успеавме да поттикнеме љубов кон уметноста и да создадеме платформа каде што нивните таленти можат да блеснат. Честитки за сите учесници, а особено за победниците – вашата работа и посветеност покажуваат дека македонската театарска сцена има светла иднина, рекол Герасимовски.
Дополнително, биле доделени признанија и во индивидуални категории: најдобра женска улога – ученичката Мила Србиновска од ООУ „11 Октомври“ за улогата на госпоѓа Балабакова од делото „Чернодрински се враќа дома” пд Горан Стефановски, најдобра машка улога – ученикот Лав Тодоровски Чајка од ООУ „Коле Неделковски“ за улогата на Спиридон од делото „Адска машина” на Венко Андоновски, како и награда за најдобра костимографија доби ООУ „Св. Кирил и Методиј“.
Проектот „Театарот, уметност на емоции“ се реализирал во осум основни училишта на територија на Општина Центар, а заврши со свечена манифестација во пресрет на 27 март – Светскиот ден на театарот.
Општина Центар, велат од оттаму, продолжува да вложува во културниот развој на младите, создавајќи простор за креативност, уметност и инспирација.