Руски извидувачки авион денеска се приближи до североисточниот брег на Германија пред да се врати во Русија, придружуван од германски борбени авиони, соопшти германското воздухопловство, потврдувајќи ја веста на весникот Билд.

„Денеска беше активирано предупредување за брз одговор“во воздухопловната база во близина на Росток на североисток на балтичкиот брег, се наведува во соопштението на германското воздухопловство.

Предупредувањето (Quick Reaction Alert) е заеднички систем на членките на НАТО за заштита на нивниот воздушен простор.

„Причината беше непознат авион над Балтичкото Море, што леташе без план за лет или активиран радар“, се додава во соопштението.

Германските борбени авиони Еурофајтер потоа полетаа и го идентификуваа извидувачкиот авион, Иљушин II-20, што потоа под придружба замина, соопшти германското воздухопловство, кое сподели фотографија од авионот.

„Билд“ наведува дека утринава руски авион летал источно од Риген, германски остров во Балтичкото Море, и во моментот на пресретнување се движел кон германскиот воздушен простор.

Фактот што неговиот радар беше деактивиран претставува „значителна опасност за цивилниот воздушен сообраќај“, додава Билд.

Според воени извори на кои се повикува Билд, руските извидувачки авиони „повремено“ се приближуваат до германскиот брег без да го нарушат воздушниот простор на земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2025 02:54