Легендарниот фудбалер на Челзи и пред се на “Гордиот Албион“ Френк Лампард и официјално и стави крај на својата фудбалска кариера.

Триесет и осумгодишниот Лампард, кому последен клуб во кариерата му е Амриканскиот Њујорк сити, одлуката за своето пензионирање ја објави на социјалната мрежа „Инстаграм“.

Лампард најголемиот дел од кариерата го помина во Челзи, за кого имаше повеќе од 600 настапи, а играше уште за Вест хем, Свонси и Манчестер сити. За репрезентацијата на Англија одигра 106 натпревари и постигна 29 голови.

„По 21 неверојатна година, одлучив дека сега е вистинско време да ја завршам својата кариера како професионален фудбалер. Иако добив голем број возбудливи понуди да ја продолжам кариерата дома и во странство, со 38 години чувствувам дека сега е вистинско време да почнам ново поглавје на својот живот. Неверојатно сум горд на трофеите кои ги освоив, што ја претставував својата земја повеќе од сто пати и што постигнав повеќе од 300 голови“, објави Лампард, кој исто така им се заблагодари на своите соиграчи, на тренерите, на менаџерите и на останатиот персонал со којшто соработувал. Тој посебно им се заблагодари на сите клубови за коишто играше, меѓу кои го издвои Челзи.

„Најголемиот дел од моето срце му припаѓа на Челзи, клубот кој ми пружи голем број убави спомени. Никогаш нема да ја заборавам можноста која ми ја дадоа и успехот кој го остваривме заедно. Невозможно е да се заблагодарам на сите луѓе кои ми помогнаа и ме подржуваа во текот на 13-те години поминати таму. Сè што можам да кажам е дека од денот кога го потпишав договорот досега и во иднина, вечно сум им благодарен на сите за сè“, напиша Лампард. Некогашниот репрезентативец на Англија исто така додаде дека е благодарен и на Фудбалската асоцијација на Англија, која му дала можност да добие тренерска лиценца и дека им се радува на предизвиците кои што го чекаат на теренот.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/02/2017 00:56