Кандидатот за претседател на Франција, Марин Ле Пен соопшти дека не се откажува од идејата за излез на Франција од ЕУ, нагласувајќи дека доколку победи на претстојните претседателски избори, во рок од шест месеци ќе распише „референдум за Фрегзит“.
На стартот на кампањата, Ле Пен нагласи дека ако победи „ќе го искорени тероризмот“ од Франција и дека франкот повторно ќе биде француска национална валута наместо еврото.
Таа истакна дека цел на нејзината изборна програма од 144 точки е „на Франција да и се врати слободата, а на народот да му се даде глас“.
Првиот круг од претседателските избори во Франција е закажан за 23 април оваа година и според последните анкети на јавното мислење, Ле Пен ужива најголема поддршка меѓу претседателските кандидати. Вториот изборен круг е предвиден две недели подоцна, односно ќе се одржи на 7 мај.