Во “натпреварот“ помеѓу Судството во Америка и новиот Претседател Доналд Трамп, судството направи убедливо водство уште во првото полувреме.
Апелациониот суд во Америка одлучи дека властите нема да можат на граѓаните од седум муслимански земји кои имаат регулирано визен статус или се мигранти да им забранат влез во Америка.
На овој начин, Доналд Трамп преживеа уште еден политички пораз пред се поради фактот што цела негова кампања се темелеше на борбата против мигрантите. Од друга страна пак, ова е и еден вид на порака кон Трамп, дека неговата власт не е неограничена.
Пред неколку дена судот во Америка се произнесе дека се става времена мерка – забрана за спроведување на правниот акт со кој се забранува влез на граѓани од Сирија, Сомалија, Ирак, Иран, Либија, Судан и Јемен а апелациониот суд само ја потврди нивната одлука.
Политичките противници на Трамп со големо задоволство ја примија оваа одлука, па така Хилари Клинтон на твитер напиша: “Три – нула“ алудирајќи на едносгласната одлука на судскиот совет против одлуката на Претседателот.
“Задоволен сум што системот на поделба на власта во оваа земја функционира а тоа покажува дека судовите ќе бидат тука кога Трамп ќе ги прекршува уставните овластувања“ изјави за Си-ен-ен Бен Кардин, сенатор од редовите на Демократската партија.
Трамп не остана рамнодушен на оваа одлука па така на Твитер го изнесе својот став и порача: “Ќе се видиме на суд бидејќи безбедноста на нашата земја е ставена на коцка“.
По неговата твитер реакција, од белата куќа информираа дека тоа би можело да значи дека Претседателот Доналд Трамп ќе ја обжали одлуката на Апелациониот суд пред највисокиот судски орган во Америка, Врховниот суд.