Поранешниот министер за надворешни работи на Германија, Франк Валтер Штајнмаер денеска е избран за нов претседател на земјата, јавуваат светските агенции. Штајнмаер е 12-от по ред претседател на Германија од завршувањето на Втората светската војна.

Социјалдемократот Штајнмаер, кој до минатиот месец ја извршуваше должноста шеф на германската дипломатија добил 931 глас од вкупно 1.260 од сојузното собрание кое го избира претседателот на Германија. Штајнмаер битката ја добил во конкуренција со уште 3-ца противкандидати и тоа Кристоф Бутервеге од левицата, Александер Холд (слободни избирачи) и Албрехт Гласер кандидат на Алтернатива за Германија.

Иако во Германија во практика е воведен парламентарниот систем а Претседателот има ограничена власт, сепак тој важи за силен морален авторитет.

Според германскиот устав, претседателот на земјата го избира сојузното собрание кое се состои од 630 избрани претставници од парламентот и уште 630 претставници кои се делегираат од 16 германски покраини.

Во кусиот говор по изборот Штајнмајер, обраќајќи им се на оние кои не гласале за него, рече дека сака да се бори за да ја добие нивната доверба. Во бурни времиња, во кои се чини како светот да е разнишан, од големо значење е „лепакот“, она што општеството го држи заедно, рече Штајнмајер.


Штајнмаер нов Претседател на Германија

Тој не ја спомна директно бегалската криза, но потенцираше дека е прекрасно што „оваа земја за многумина во светот стана сидро на надеж“. Германија на другите им дава надеж не затоа што во земјата е се’ добро, туку „затоа што покажавме дека може да биде подобро“. „Мора да си поставиме за задача да ги разликуваме фактите од лагите“, рече тој. Реалноста не смее да се негира, но важно е да постои желба за нејзино менување, пренесе Дојче Веле.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/02/2017 21:08