[photo]
Во Еквадор денеска се одржуваат претседателски избори на кои треба да се избере наследник на досегашниот левичарски и популистички претседател Рафаел Кореа кој десет години е на функцијата и нема повеќе право да се кандидира.
Битката се води меѓу левичарскиот кандидат Ленин Морено кој до 2013 година беше еквадорски потпретседател и десноцентристичкиот кандидат Гиљермо Ласо кој агитираше за намалување на буџетското трошење, што беше основа на популистичкото владеење на Кореа.
За победа во првиот круг, потребно е еден од кандидатите да освои 40 отсто од гласовите.
Анкетите во Еквадор покажуваат дека Ленин Морено би можел да добие најмногу гласови но тие да не бидат доволни за победа во првиот круг и за одбегнување на вториот круг.
Неговиот главен противкандидат Ласо, кој сосема малку заостанува зад Морено, е поранешен банкар кој ветува отварање на голем број работни места.
Во текот на својата предизборна кампања Ласо најави дека доколку биде избран за претседател ке му го укине политичкиот азил што Рафаел Кореа му го додели на основачот на Викиликс Џулијан Асанж кој од 2012 година е во самоегзил во еквадорската амбасада во Лондон, каде побегна и се сокри за да не биде екстрадиран во Шведска.