Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц изјави денеска дека Австрија за време на претседавањето со ЕУ во втората половина на 2018 година, планира да поттикне голема реформа на Унијата, со цел таа да биде поефикасна и подемократска.
Тој истакна дека посакува Европа која ќе се осврне на суштината.
– ЕУ е преслаба кај големите прашања и премногу доминантна во малите области, констатира Курц. Шефот на австриската дипломатија изрази надеж дека Брегзит ќе донесе позитивна динамика, додавајќи дека неговиот предлог подразбира „намалување“ на Европската комисија.
– Брегзит ќе стане реалност, иако тоа нас не не радува. Останатите 27 членки треба да го искористат британското напуштање за промена на курсот откако ЕУ неодамна повеќе пати тргна во погрешен правец, нагласи Курц, укажувајќи на политиката кон бегалците.
Тој се осврна и на изборите за Европски парламент, кои ќе се одржат во 2019 година. Курц истакна дека треба да се овозможи директен избор на претседател на ЕК, бидејќи тоа ќе ја зајакне неговата улога.
Предлогот реформи, како што објасни, е сеопфатен и опфаќа прашања од заштита на надворешните граници до царинска унија.
Како што најави, Курц во април со својот предлог ќе тргне на турнеја низ главните градови на земјите од ЕУ, а на крај од процесот е планирана конференција по повод австриското претседавање.