Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, денеска во Брисел ќе ја разгледуваат состојбата во Република Македонија и другите земји од Западен Балкан и ќе донесат заклучоци кои потоа шефовите на државите и владите на ЕУ-земјите ќе ги усвојат на Самитот на Европскиот совет во четврток.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата, Федерика Могерини, попладнево ќе ги брифира шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ за состојбата на Западниот Балкан по нејзината посета на државите во регионот минатата недела.

Денешниот Совет за надворешни работи на Европската унија со кој претседава Могерини, ќе започне со заедничка седница на министрите за одбрана и за надворешни работи на земјите-членки за спроведување на глобалната стратегија на ЕУ во областа на безбедноста и одбраната. Советот се очекува да донесе заклучоци за напредок договорен од страна на Европскиот совет на 15 декември 2016 година, при што заклучоците ќе бидат основа на извештај за Самитот на Европскиот совет на 9 и 10 март.

Дискусијата ќе биде проследена и со неформален појадок-состанок на министрите за одбрана за да се овозможат стратешки поглед на заедничката одбранбена политика (ЗБОП) и ангажмани во соседството на ЕУ и пошироката безбедност. На ручекот, министрите за надворешни работи ќе разговараат за односите меѓу Европската унија и Египет со египетскиот министер за надворешни работи Самех Хасан Шукри, како и за политичките случувања, економските реформи и улогата на Египет во регионот.

Во попладневните часови, Советот ќе ја разгледа ситуацијата на Западен Балкан, при што високата претставничка на Унијата ќе ги информира министрите за нејзината посета на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија и Република Македонија од 1 до 4 март. Притоа, исто како и на последниот состанок, се очекува министрите за надворешни работи на Унгарија и Грција, Петер Сијарто и Никос Коѕијас, повторно да го покренат прашањето за осуда на албанската платформа во Македонија и мешањето на соседна држава (Албанија) во внатрешни работи на Македонија од страна на Советот на Унијата.

Советот за надворешни работи ќе има дискусија и за миграцијата како продолжение на неформалниот состанок на шефовите на држави или влади во Малта на 3 февруари 2017 година, каде што се дискутираше за надворешните аспекти на миграцијата. А, на крајот на денот, Советот ќе разговара за мировниот процес на Блискиот Исток за да се направи преглед на последните случувања и контакти, меѓу кои и со новата американска администрација.

Советот, исто така, ќе се осврне и на ситуацијата во Демократска Република Конго, а ќе се донесат заклучоци и за климатската и енергетската дипломатија на ЕУ. Овие заклучоци ќе бидат дел од спроведувањето на глобалната стратегија на Унијата и се наменети за зајакнување на синергиите меѓу ЕУ-дипломатија за клима и енергија и воспоставување на приоритети за 2017 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/03/2017 16:22