Во оваа прилика министерот Јолевски истакна дека за време на денешната посета, од страна на командантите и командирите на АРМ кои се одговорни за обезбедување на нашата јужна граница, беше информиран дека состојбата на границата е стабилна и дека бројот на мигранти е значително намален. „Во споредба со периодот пред точно една година кога во координацијата на земјите на т.н. Балканска рута се затвори оваа патека на движење, бројот на илегални преминувања е значително намален, а исто така од минатата есен тенденцијата на преминувања е намалена“, рече Јолевски. „Армијата на Република Македонија и институциите во Македонија внимателно ја следат состојбата на границата и развојот на мигрантската криза. Имаме развиено соодветни планови доколку се зголеми приливот на мигранти во Република Македонија од нашата јужна страна“, додаде тој. Во рамки на посетата министерот имаше и заеднички ручек со припадниците на АРМ стационирани на јужната граница во поддршка на Полицијата во справувањето со мигрантската криза. Република Македонија и АРМ во голем број наврати дадоа несебична поддршка кон одржувањето на безбедноста на граѓаните на Република Македонија, државата, но и во поширока смисла, регионот и Европа.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/03/2017 14:42