Луис Енрике, тренерот на Барселона, пред реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите со ПСЖ изјави дека неговиот тим може да постигне шест голови и не погреши.
Каталонците беа на чекор од елиминација од елитното натпреварување по поразот од 4-0 во Париз пред три седмици, но на „Камп ноу“ дојдоа до сензационална победа со 6-1 и се пласираа во следната фаза.
Барселона е првиот тим во историјата на Лигата на шампионите кој го надополнил заостанувањето од четири гола во нокаут-фазата на натпреварувањето, а успехот е поголем поради фактот дека тимот на Енрике водеше со 3-1 до последните две минути и дека му беа потребни уште три гола за пресврт.
Нејмар да Силва постигна два гола во три минути, во 88-мата и во 91-вата од пенал, а потоа стоте илјади луѓе на „Камп ноу“ ги доведе во делириум Серхи Роберто со погодокот во 95-тата минута.
„Сакам да им се обратам на сите оние коишто ја изгубија вербата по поразот од 4-0. Оваа победа им ја посветувам ним бидејќи ова не се Харлем Глобтротерс, ова е фудбал. Никој од нас не престана да верува. Кога ќе погледнам сега, и покрај нивниот гол, нашето издание беше импресивно. Многу ризикувавме и се исплатеше. Ваквите пресврти понекогаш се случуваат во фудбалот, мило ми е што сега беше таков случај“, изјави Енрике.
Многумина се надеваа дека Барселона ќе биде елиминирана, а најгласен меѓу нив беше Серхио Рамос, дефанзивниот играч на омразениот ривал Реал.
„Секако, нашиот пласман нема да им одговара на многу други тимови. Сите коишто се пласираа и коишто ќе се пласираат имаат шанса за титулата“, изјави тренерот на Барселона.
Сепак, денеска фудбалската јавност на големо ги коментира судиските одлуки, односно двата досудени пенали за Барселона, особено вториот врз Луиз Суарез, кој на повторената снимка се виде дека воопшто не е пенал ниту пак имаше контакт, како и недосудениот пенал за ПСЖ некаде во 80-тата минута кога резултатот беше 3:1.