Лидерите на СДСМ и ДУИ на средба која вечерва се одржа во седиштето на СДСМ ги разгледувале начините со кој би можело да се изнајде решение за политичката криза, откако вчера претседателот Иванов соопшти дека според него се уште не се надминати пречките за доделување на мандатот. Во изјава за Алсат-М, лидерот на ДУИ, вели дека со Заев разговарале за стратегијата со која би се ставиле во функција сите државните институции.
„ Неопходно е највисокиот законодавен орган, Собранието на Р. Македонија, да се изнајдат начини да профункционира со најдобра намера, да продолжиме понатаму со преговорите за градење на институциите со кои треба да се води државата. – изјави Али Ахмети
Запрашан дали планира да ја продолжите конститутивната собраниската седница која не е довршена, Ахмети одговори:
„Секако дека се разговара за таква стратегија. Треба за тоа да се разговара со сите политички сили и да се постигне согласност со главните политички партии и Собранието да почне со работа и да се избираат собраниските органи и Комисии за да се стави во функција оваа висока државна институција“.
Во однос на формирањето на Владата, Ахмети смета дека тоа треба да се случи по изборот на собранискиот спикер, кој според него, формално ќе го извести претседателот на државата дека има парламентарно мнозинство и програма врз основа на која тој треба да му го довери мандатот на Заев.
“Најнеопходно е прашањето на конституирање на Собранието. Сите напори се во насока да се стави во функција Собранието и да се избират собраниските органи, да се направи официјално барање од Собранието, од претседателот на Собранието на Република Македонија до претседателот на државата, за да му даде мандат за формирање на новата влада. Не може да се зборува за конституирање на еден орган, без да се има мандат. Значи, во прв ред треба да му се даде мандатот на мандатарот и потоа да се водат преговори за ресорите. За нас е малку важно управувањето на ресорите, за нас е поважно да му се даде мандатот на новиот мандатар и потоа да се зборува за поделбата на ресорите.” – изјави Ахмети
Инаку, според Деловникот за работа на Собранието, претседавачот, во овој случај, екс-спикерот Трајко Велјановски е должен да ја продолжи конститутивната седница на која ќе биде избран неговиот наследник, ако партиите кои имаат свој претставници во Парламентот предложат кандидати за членови на Комисијата избори и именување.
Извор: Алсат