Британската кралица Елизабета Втора го потпиша законот за Брегзит, со што овој правен акт и формално стапува во сила.
Со овој закон се обезбедени сите потребни правни услови Владата во Лондон да го започне процесот за истапување на Велика Британија од ЕУ, каде членува од 1973 година.
Во понеделникот двата дома на британскиот Парламент, на одвоени седници, го прифатија владиниот закон по неколку неделна дебата.
Пратениците во Долниот дом мораа два пати да гласаат за законот, откако членовите на Горниот дом во два наврати усвојуваа два амандмани на законот со кој се бараа владини гаранции за задржување на сегашниот статус на државјаните на ЕУ на британска територија и за правото на Парламентот да стави вето на договорот што Владата ќе го постигне со ЕУ.
На крајот амандманите не влегоа во верзијата на законот, што ја потпиша кралицата, затоа што беа отфрлени од Долниот дом.
Откако владиниот предлог и формалнио е закон за Брегзит, останува премиерката Тереза Меј да одлучи кога ќе го покрене членот 50 од Лисабонската спогодба и ќе ги започне преговорите со Брисел за излез од ЕУ.
Неколку лондонски проториевски весници, кои ја бараат Владата што побрзо да започне со заминувањето од ЕУ, објавија дека процесот на Брегзит ќе започне на 15 март, а потоа во текот на идната недела, но Даунинг стрит 10 ги отфрли ваквите проценки како новинарски шпекулации.
Претставник на Кабинетот на Меј објасни дека Брегзит ќе почне на крајот од март, како што тоа уште лани беше објавено.
Аналитичарите во Лондон проценуваат дека британската Влада не сака да ја „помати атмосферата“ на прославата на 60-годишнината од Римскиот договор од 25 март 1957 година, кога е формирана Европската економска заедница (ЕЕЗ), што е основата за денешната ЕУ.
Лондонските медиуми проценуваат дека процесот за Брегзит ќе биде покренат „околу 27 март“. Се очекува тој да трае две години, по што Велика Британија повеќе нема да биде дел од ЕУ, но се уште не е докрај јасно дали ќе остане на заедничкиот пазар или целосно ќе ги раскине сите врски со Европа.