Како што соопшти ДУИ, Ахмети и Јазбец разговарале за политичките случувања во Македонија и за излез од политичката криза.
Ахмети го запознал Јазбец дека ДУИ има разговарано со главните парламентарни партии за, како што се наведува, иницирање парламентарна координација со цел да продолжи и да заврши конститутивната седница на Собранието.
- Новоизбраниот претседател на Собранието по завршувањето на таа седница треба да ја информира институцијата Претседател на државата за новото парламентарно мнозинство и да побара споделување на мандатот за формирање влада, се вели во соопштението од ДУИ.
Ахмети повторил дека политичката и институционалната криза не треба да се претвори во етничка криза.