Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска беше на распит во Основното јавно обвинителство Скопје по отворена истрага за изборни нерегуларности за изборите во 2016 година.

Осомничени се Заев, едно вработено лице во администрацијата на СДСМ и правното лице СДСМ.

- Ни беа презентирани индициите за злоупотреба за изборната кампања во 2016 година. Јасно ни е тоа што ни беше презентирано, усно од страна на обвинителот. Договорен е следниот чекор, во среда во 12 часот, согласно постапката, да направиме увид во доказите за да можеме да ја дадеме нашата одбрана, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по распитот.

Во Обвинителството, како што посочи, се дојдени за во нормална законска процедура да ја докажат невиноста за којашто се под сомнение како организатори на изборна кампања. - Се појавивме во Основното јавно обвинителство за да ја докажеме нашата невиност. СДСМ има јавно објавен ревизорски извештај. Ревизијата беше спроведена од Државниот завод за ревизија, согласно законите и за кампањата и за СДСМ, апсолутно нема никакво сомневање во самиот извештај...,рече Заев.

Според него, секогаш кога Специјалното јавно обвинителство ќе отвори истражна или предистражна постапка, тој е таргет на државното обвинителство. - Секогаш кога СЈО ќе отвори некоја предистражна или истражна постапка или обвинителен акт, Зоран Заев е таргетот на државното обвинителство. Оваа моја Македонија во последните години, пред се од 2008 година па наваму, ги има употребено сите инструменти и механизми против мене, рече Заев.

На новинарско прашање дали до 24 март ќе има влада, Заев одговори дека би сакал и на 20, на 21, на 22, дури и порано од тоа да има влада Република Македонија.

- Јас би сакал и на 20, на 21, на 22, дури и порано од тоа да има влада Република Македонија, но секако тоа прво значи закажување на седницата, избор на претседател на Собранието, допис до господинот Иванов, негова одлука кога ќе го даде мандатот. Јас, верувајте, како потенцијален мандатор, нема да дозволам да се трошат 20 дена за преговори за нова влада. Ќе гледам максимално можно, доколку го добијам мандатот, да ги скратам сите овие рокови, истакна Заев.

Лидерот на СДСМ рече дека бара што поскоро да седне во Собранието. - Верувам дека мора да се одржи една координација претходно за да се договори составот на Комисијата за избори и именување која е трета точка од дневниот ред за да може да тече седницата што ќе биде предложена. Може тоа да се случи денеска, може во понеделник, може во вторник, но верувам дека час поскоро треба да биде закажана седницата, додаде Заев одговарајќи на новинарско прашање. / МИА.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/03/2017 16:44